Новости од клиниката
ЈЗУ УК за Радиотерапија и Онкологија го одбележа месецот за подигање на свесност за рак на дојка
Во низата настани во месец Октомври, во рамките на одбележување на месецот за подигање на свесност на рак на дојка, ЈЗУ УК за радиотерапија и онкологија на 4 Октомври учествуваше на традиционалниот “Розов пикник појадок” во градскиот парк во Скопје, во организација на здружението ХЕМА-ОНКО. На настанот земаа учество и претседателката на Република Северна Македонија Гордана Силјановска-Давкова, Министерот за здравство д-р Сашо Клековски, директорот на ЈЗУ УК за радиотерапија и онкологија Проф. д-р Игор Стојковски, како и голем број граѓани, со што покажаа голема поддршка и постојана грижа за онколошките пациенти.
На 8 Октомври заедно со ХЕМА-ОНКО по четврти пат беше реализиран настанот “Појадок со ХЕМА-ОНКО”, појадок за пациентите кои во моментот се хоспитализирани на Клиниката за радиотерапија и онкологија, на што предводеше прес-конференција на директорот Проф. д-р Игор Стојковски и претставникот на ХЕМА-ОНКО Ана Марјановиќ. Со овој настан се потсетуваме на важноста дека пациентите не се сами, има кој да ги слушне и да биде до нив.
Со наслов “Редефинирање на онколошката грижа: системски решенија за достапна и непрекината грижа во Македонија”, на 15 Октомври во Владата на Република Северна Македонија, за прв пат на вакво ниво, се отвори прашањето за онколошка грижа со заедничко учество на претставници на Владата, здравствените институции, академската заедница, организациите на пациенти и меѓународни експерти.
На крајот на месец Октомври, ЈЗУ УК за радиотерапија и онкологија претставена од директорот, доктори и медицински сестри, учествуваше на промоцијата на едукативна брошура “Јас сум пеперутка” во чија подготовка беа вклучени ХЕМА-ОНКО и ФЕМИНА М. Брошурата е наменета за пациентите кои се соочуваат со рак на дојка, со цел да добијат знаење, поддршка, охрабрување и надеж.
