Најчесто поставувани прашања
Онкологија
Што е онкологија? Онкологијата како посебна гранка во медицината е наука која се занимава со дијагностицирање и терапија на малигните неоплазми. Неоплазма претставува абнормален раст на ткиво чии клетки се карактеризираат со брз раст. Лекарот, чија што главна дејност е онкологијата, се нарекува онколог.
Малигните неоплазми можеме да ги поделиме во неколку морфолошки групи и тоа:
Онкологијата како наука користи повеќе модалитети на лекување на малигнитетите. Изборот на терапија секогаш е индивидуален и зависи од стадиумот во кој се наоѓа болеста. Постојат три главни методи на лекување на малигните болести: хирургија, радиотерапија и хемотерапија. Во многу од случаевите хирургијата е прв третмански метод за лекување на болеста. После хирурија, зависно од исходот, пациентите се упатуваат на дополнително третирање на малигната болест. Тука, понатамошниот третман се одредува од лекарот- специјалист онколог радиотерапевт. Хемотерапијата и радиотерапијата се тераписки методи кои ги користи нашата клиника во борбата против малигните болести.
- карциноми (планоцелуларни и аденокарциноми)
- саркоми
- лимфоми (Хочкин и не-Хочкин)
- леукемии
- други мекоткивни тумори вклучувајќи ги мезотелиомите
- други типови означени според локализација
- неозначени малигни неоплазми
- ХЕМОТЕРАПИЈА? Хемотерапијата претставува третман на ракот со хемиски агенси кои имаат способност да ги уништат клетките што брзо растат и се размножуваат. Според тоа, хемотерапијата е прв избор за третман на малигнитет каде туморската маса се состои од клетки кои имаат брз раст и развој (лимфоми, леукемии, герминативни тумори). Хемотераписките агенси се нарекуваат и цитостатици бидејќи во процесот на убивање на туморските клетки, ги убиваат и клетките од нормалното здраво ткиво кое брзо се размножува како што се интестиналната (цревна) слузокожа и ‘рбетниот мозок.
Ефикасноста на администрираната хемотерапија зависи од повеќе фактори: големината на туморот, резистенција кон лековите, начинот на апликација, интензитетот и друго. За поголема ефикасност на хемотерапијата препорачливо е таа да се прима во континуитет, односно без прекини помеѓу циклуси. Тоа е од особена важност кај пациенти кај кои има одговор на оваа терапија.
Причина која може да доведе до намалена ефикасност е резистентност кон лекот која најчесто е од генетски фактор. Затоа, секогаш се избира соодветната доза пресметана индивидуално за секој заболен.
- Несакани ефекти од хемотерапијата?
- Мачнина и повраќање се најчестите токсични ефекти од хемотерапијата. Начинот на кој се создаваат не е во целост јасен, но се смета дека тоа се случува затоа што се надразнуваат рецепторите во центарот за повраќање. Во последно време се користат нови антиеметични лекови кои ги ублажија овие несакани ефекти.
- Леукопенија и тромбоцитопенија се несакани токсични ефекти кои го лимитираат давањето на хемотерапија. Се намалува и бројот на леукоцитите, тромбоцити и поретко еритроцитите неколку дена по аплицирање на хемотерапијата, но се враќаат во нормала 10-14 дена подоцна.
- Алопеција односно губење на косата се јавува две до три недели после првиот курс на хемотерапија. Но, косата повторно расте после завршување на хемотерапијата.
- Стоматит – несакан ефект кој се јавува кратко после администрирање на терапијата. Се даваат препарати за плакнење, анестетици и друго за да се намали несаканото дејство од терапијата.
Радиотерапија
Радиотерапија
- Што е радиотерапија? Радиотерапијата е гранка во медицината која се бави со локално уништување и контрола на туморот притоа користејќи природен или вештачки извор за зрачење. Радиотерапијата главно се дели на две големи гранки и тоа: телетерапија и брахитерапија. Телетерапија претставува зрачење каде изворот се наоѓа надвор од телото што се зрачи, а брахитерапија е метод на третман каде изворот се наоѓа во местото што треба да подлежи на терапија или во негова непосредна близина. Од телетераписки апарати со кои располага нашата клиника се Линеарните акцелератори и еден ортоволтажен апарат. Користиме и еден Компјутерски Томограф за симулација на зрачењето како и еден Класичен 2Д симулатор, чии што функции е да продуцираат дводимензионална или тродимензионална (КТ) проекција на позицијата и положбата на пациентот која треба да ја задржи за време на зрачење.
- Линеарни акцелератори. Современа машина за суперволтажна радиотерапија која генерира x-зраци со енергии од 6 и 15 МV и забрзани електрони со различни енергии. Улогата на линеарните акцелератори е да произведат енергии кои ќе допрат до најдлабоко поставените тумори во телото. Со x- зраците со различни енергии постои можност за постигнување на повисока доза во длабочината а притоа заштитувајќи ја кожата и околните здрави ткива и органи. На нашата клиника користиме 3 Линеарни акцелератори, сите добро опремени и оспособени за работа со повеќе енергии.
Пред планирање на еден радиотераписки третман како важно прашање секогаш се поставува способноста на пациентот да ја издржи радиотерапијата како и техничката изводливост да се постигне посакуваниот ефект притоа заштитувајќи ги околните здрави ткива и органи од ризик. Во најголемиот број случаеви кај пациентите е возможно изведување на радиотераписки третман, а современите модалитети ни дозволуваат да планираме правилен и прецизен зрачен третман.
Во однос на модалитетите за зрачење постојат современи техники кои овозможуваат прецизно и точно администрирање на дозата таму каде што е посакувано и потребно.
- IMRT (intensity modulated radiation therapy) - Модулирање на интензитетот на зрачната терапија
IMRT третман е напредна техника која ни дозволува да “играме” со интензитетот на дозата во одредено зрачно поле. Тоа значи дека дистрибуцијата на дозата може да биде моделирана најдетално и прецизно при таргетирање на местото од интерес, додека во исто време ги штити околните здрави ткива. Околните ткива се штитат со помош на динамичен повеќе-листен колиматор кој е сместен во главата на акцелераторот и помага за оформување на посакуваното поле.
- 3Д Конформална радиотерапија - 3D conformal radiotherapy
Модалитет на зрачење каде повеќе снопови од зраци од различни агли се користат за постигнување на планирана доза во претходно одреден таргет. Планираните полиња за зрачење се моделирани од таканаречен повеќе- листен колиматор, чија улога е заштита на околното здраво ткиво. Модалитетот и интензитетот на зрачењето може да се одреди и разликува еден од друг со помош на повеќелистниот колиматор. Така на пример, доколку се избере модалитет на зрачење каде истиот колиматор е динамичен во текот на администрирање на дозата, тогаш зборуваме за IMRT (intensity modulated radiation therapy), современа техника на зрачење која се користи кај пациенти каде постои опасност од оштетување на здраво ткиво или витален орган од ризик.
- Радиотерапија со електрони
Терапијата со електрони се изведува на линеарните акцелератори и се користи за зрачење на површински тумори или тумори на плитка длабина под кожата. Може да ја искористиме онаа енергја која, зависно од поставеноста на туморот, ќе ни овозможи да ја постигнеме потребната длабина. За усмерување и ограничување на зракот се користат посебни апликатори.