Новости од клиниката

Ерлотинибот бесплатно достапен за пациентите на Клиниката за радиотерапија и онкологија

Карциномот (ракот) на белите дробови е резултат на неконтролирано делење на клетките од белодробното ткиво.

Според досегашните истражувања, ризик фактори кои се поврзуваат со ова заболување се изложеност на активно или пасивно пушење, вдишување загаден воздух или семејна историја на белодробни болести. Од двата типа белодробни карциноми, неситноклеточниот белодробен карцином е најчест и опфаќа околу 75% од случаите. Доколку навремено не се лекува, делењето на клетките може да се прошири и надвор од белите дробови во други делови од телото, преку таканаречено метастазирање.

До неодамна, пациентите заболени од неситноклеточен белодробен карцином кај нас се третираа со хемотерапија, по што се подложувале на процес на следење, се до повторна прогресија на болеста. Од неодамна, во Република Македонија овозможена е нова терапија за пациентите со неситноклеточен белодробен карцином, која пациентите може бесплатно да ја добијат на Клиниката за радиотерапија и онкологија.

Станува збор за Ерлотиниб- целна терапија со уникатен механизам на дејство. Оваа терапија е единствен инхибитор на тирозин-киназа на HER1/EGFR, која значително го продолжува преживувањето на пациентите. Предноста кај оваа терапија е тоа што таа ги идентификуваат и напаѓаат само малигните клетки, без оштетување на здравите клетки. Затоа таа дава многу помалку несакани ефекти во споредба со цитостатиците.

Ерлотинибот се употребува како прва линија на терапија кај пациентите со локално напреднат или метастатски неситноклеточен рак на белите дробови, како втора линија на терапија или како терапија на одржување (веднаш по првата линија на терапија) со што се овозможува подобра контрола на болеста и подолго преживување на пациентите со неситноклеточен белодробен карцином.

Набавката на лекот е реализирана од страна на Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија (МАЛМЕД) во соработка со Клиниката за радиотерапија и онкологија. Ерлотинибот, кој бесплатно е достапен за пациентите на Клиниката за радиотерапија и онкологија е со заштитено име Инопран, чиј производител е мултинационална фармацевтска компанија Алвоген.